Пребарување

2024.09.02 Viaggio Apostolico Asia partenza Aereo

Папата Фрањо полета за Индонезија: започна неговото 45-то апостолско патување

Првиот ден од престојот во Џакарта ќе биде посветен на одмор по летот, а во среда наутро ќе започне напорната програма.

Во понеделник, 2 септември 2024 година, во 17.32 часот по локално време, Ербас 330 на специјален лет на ITA Airways полета од римскиот меѓународен аеродром Фиумичино до Џакарта, главниот град на Индонезија. Со тоа папата Фрањо го започна своето 45-то апостолско патување.

Скоро една година имаше пауза во меѓународните патувања на Светиот Отец. Последен пат авионот со папата Фрањо полета на 23 септември 2023 година, кога наследникот на Свети Петар се враќаше од Марсеј, каде што учествуваше на „Медитеранските средби“. Сегашното патување ќе биде најдолго во овој понтификат, бидејќи Светиот Отец ќе се врати во Рим на 13 септември.

Патувањето, како и обично, започна со гест на солидарност организиран од кардиналот Конрад Крајевски, префект на Дикастеријата за служење на милосрдие. Пред да го напушти домот „Света Марта“ во Ватикан папата Фрањо поздрави група бездомници и жени на кои им помага Апостолската канцеларија за делење на помош.

По повеќе од 13-часовен лет, преминувајќи го воздушниот простор на Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција, Иран, Пакистан, Индија и Малезија, авионот ќе слета на меѓународниот аеродром во Џакарта. Пристигнувањето се предвидува за 11.30 часот по локално време. Светиот Отец ќе го пречека претставник на локалните власти и локалните црковни претставници. Индонезија ќе биде 62-та земја што ќе ја посети папата Фрањо во текот на единаесет и пол години од неговиот понтификат.

Веднаш по пристигнувањето Светиот Отец ќе замине во нунцијатурата. Првиот ден по летот ќе биде посветен на одмор. А утрото на 4 септември ќе се одржи официјална церемонија на пречек на плоштадот пред претседателската палата.

02 септември 2024, 18:04