Папата до новинарите во авионот: Ова е моето најдолго патување
Осумдесет новинари од целиот свет го придружуваат Светиот Отец во Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур. Откако ги поздрави екипажот и членовите на придружбата, Папата се упати кон задниот дел на авионот и го зеде микрофонот во раце. „Ви благодариме што дојдовте на ова патување. Ви благодарам за вашето друштво, мислам дека ова е моето најдолго патување“, им порача тој на новинарите и снимателите. Секого лично го поздравил, а му подариле неколку писма и подароци. Меѓу нив е и подарок од Кина донесен од новинарката Стефанија Фаласка – репродукција на стела или плоча од Ксијан која датира од 635 година и сведочи за христијанските заедници во Кина. Откако го прими подарокот, Светиот Отец ја прегрна плочата.
Дописникот на француската агенција АФП, Клемент Мелки, беше испратен да ја следи работата на невладината организација „ Mediterranea Saving Humans“, а на Светиот Отец му подари факел, еден од многуте со кои бегалците го наоѓаат патот на отворено море или бараат помош среде бродолом. „Тоа ми е на срцето“, рече Папата, кој постојано повикува на делување во врска со трагедијата на мигрантите.
Потоа новинарката на шпанското Радио Копе, Ева Фернандез, го сврте вниманието на семејството на 11-годишниот Матео, момче од град во близина на Толедо, кој беше убиен во август за време на игра со пријателите. Се претпоставува дека убиецот бил млад човек од истиот регион кој боледува од психичко растројство. Случајот предизвика голема бура во земјата, откако некои политичари ги обвинија мигрантите кои биле примени во хотел во близина на убиството. Семејството на жртвата отсекогаш ја негирало таа верзија, но започна јавна дебата за правилата за прифаќање. Новинарката Фернандез му ја донесе црвената фудбалска облека на Матео на Папата, а тој ја слушна приказната и ја благослови. Со себе го понесе и писмото од мајката на Матео.