Ангел Господов: Сè се менува ако вистински го запознаете Исус
Во Евангелието за неделната Литургија, папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во недела на 15 септември 2024 година, од прозорецот на неговата работна соба во Апостолската палата истакна дека Исус, откако ги прашал учениците за кого го мислат луѓето, директно ги прашува: „А вие, за кого ме мислите?” (Марко 8,29). Петар одговара во име на целата група велејќи: „Ти си Христос!“. Но кога Исус почнува да зборува за страдањата и смртта што го очекуваат, истиот Петар се спротивставува, а Исус остро го прекорува: „Бегај од Мене, сатано! Оти не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко” - истакна Папата.
Гледајќи го ставот на апостол Петар, можеме да се запрашаме и што навистина значи да се познава Исус, истакна Папата и додаде дека од една страна Петар го дава совршениот одговор, одговарајќи му на Исус дека Тој е Христос, но и дека зад тие точни зборови сè уште постои „човечкиот“ начин на размислување.
Ова, продолжи Светиот Отец, е менталитет кој замислува силен и победнички Месија, кој не може да страда и да умре. Според тоа, зборовите со кои Петар одговара се „точни“, но неговиот начин на размислување не е променет. Допрва треба да има промена во неговиот дух и начин на размислување, тој допрва треба да се преобрати, рече Папата.
Ова, додаде Папата, е важна порака и за нас. И ние научивме нешто за Бога, ги знаеме учењата, правилно се молиме и, можеби, на прашањето „кој е за тебе Исус“ одговараме со точните формули што сме ги научиле на веронаука. Но, дали сме сигурни тоа дека тоа значи дека навистина го познаваме Исус, праша Папата.
„За да го запознаеме Господ, не е доволно да знаеме нешто за него, туку потребно е да го следиме, да дозволиме неговото Евангелие да нè допре и да нè промени. Односно, се работи за тоа да бидеш повразан со него, да дојде до таква средба со него, која ќе ти го промени животот: тоа го менува твојот начин на постоење, го менува твојот начин на размислување, односите што ги имаш со твоите браќа, твојата подготвеност да прифатиш и простиш, одлуките кои ги донесуваш во животот. Сè се менува ако навистина го запознаете Исус“, истакна Светио Отец.
Папата Фрањо се осврна на зборовите на лутеранскиот теолог и пастор Бонхофер, кој рече: „Проблемот што никогаш не ме остава на мира е да знам што всушност значи христијанството за нас денес но, исто така, и кој е Христос“, Светиот Отец истакна дека многумина, за жал, повеќе не го поставуваат ова прашање и остануваат „мирни“ дури и кога се оддалечени од Бога.
Важно е, продолжи Светиот Отец, да се запрашаме: дали дозволувам да се „наруши мојот мир и спокојство“, дали се прашувам кој е Исус за мене и какво место има Тој во мојот живот? Дали го следам Исус само со зборови, продолжувајќи да имам световен менталитет или го наследувам, дозволувајќи средбата со него да го промени мојот живот чекор по чекор. На крајот се помоли за помош од Пресвета Богородица, која, како што рече, дозволила Бог да и ги поремети плановите и која го следи Исус сè до крстот.
По молитвата Ангел Господов, Папата се осврна на драматичната ситуација во воените зони и изрази итен повик за прекин на насилството во Палестина и Израел и за итно ослободување на заложниците, охрабрувајќи преговорите да продолжат и да се најдат решенија за мир. Мислам на мајките кои ги загубија децата во војната. Колку млади животи се изгубени, истакна Петровиот наследник.
Папата потсети и на населението во Виетнам и Мјанмар, кои беа погодени од последиците од поплавите, а се осврна и на беатификацијата на Мојсес Лиро Серафино во Мексико, како и на Светскиот ден на свеста за борбата против амиотрофичната латерална склероза.