Пребарување

2024.09.21 Juan Lopez attivista sociale e ambientale cattolico Honduras ucciso

Папата моли за мир и апелира за правата на затворениците

По молитвата Ангел Господов во недела 22 септември 2024 година, папата Фрањо како и секоја недела потсети на страдањата на народите кои се во војна. Упати апел и во врска со убиството на црковен активист во Хондурас. Говорот го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри!

Со тага во моето срце ја примив веста дека во Хондурас е убиен Хуан Антонио Лопез, делегат на Божјото слово, координатор на социјалната пасторална грижа во бискупијата Трухило и основач на пасторалот за целосна еколошка грижа во Хондурас. Ја споделувам тагата на таа Црква и се приклучувам кон осудата на сите форми на насилство. Ја изразувам мојата близина со оние чии основни права се прегазени и со оние кои се залагаат за општото добро како одговор на крикот на сиромашните и на Земјата.

Ве поздравувам сите вас, верници од Рим и ходочесници од Италија и многу земји. Посебно ги поздравувам Еквадорците кои живеат во Рим и ја слават Богородица Сисна! Ги поздравувам членовите на хорот „Teresa Enríquez de Torrijos“ од Толедо, групата семејства и деца од Словачка и мексиканските верници.

Ги поздравувам учесниците на маршот, кој има за цел да ја подигне свеста за условите во кои живеат затворениците. Мора да работиме на тоа затворениците да бидат во достоинствени услови. Секој може да направи грешки. Затворот служи подоцна да продолжи да живее чесен живот. Ја поздравувам делегацијата која дојде по повод Денот на атаксија и членовите на Здружението „La Palma“ од Кастањола ди Маса.

Браќа и сестри, да продолжиме да молиме за мир. За жал, на боиштата владее голема тензија. Нека се слушне гласот на народот кој бара мир! Да не заборавиме на страдањата во Украина, Палестина, Израел, Мјанмар, многу земји кои се во војна. Да молиме за мир.

На сите ви посакувам пријатна недела. И ве молам, не заборавајте да се молите за мене. Добар апетит и догледање.

23 септември 2024, 21:09

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >