Пребарување

2024.06.14 G7 - Sessione comune nella Sala Arena

Папата: Научниот напредок нека биде етички; треба да ги спречиме ризиците од манипулација со вештачка интелигенција

Во говорот одржан пред членовите на Папската академија на науките, папата Фрањо изрази загриженост за силното влијание на човештвото врз природата и екосистемите и повика да се земат предвид придобивките и сериозните негативни последици од вештачката интелигенција што може „да го обликува јавното мислење, да влијае на изборот на потрошувачите и да се меша во изборните процеси“.

Во говорот на папата Фрањо одржан пред учесниците на Пленарното собрание на Папската академија на науките, благодари на претседателот на Академијата Јоаким фон Браун, на канцеларот кардинал Питер Турксон и на академиците што го избраа прашањето за антропоценот и вештачката интелигенција за проучување на оваа годишно пленарно собрание.

Ера на антропоценот

Како што рече Папата, „сите заедно сè повеќе сме вознемирени од длабоките влијанија на човештвото врз природата и системите на Земјата. Еден од вашите академици, во опишувањето на овие влијанија врз создадената природа, рече дека заедно тие ја сочинуваат ерата на антропоценот. Навистина, антропоценот ги открива своите сè подраматични последици за природата и луѓето, особено преку климатската криза и губењето на биолошката разновидност“.

Папата изрази благодарност што Папската академија на науките продолжува да се грижи за ваквите прашања, не само во однос на нивните импликации за сиромашните и обесправените. Тој додаде дека „науката, во својата потрага по знаење и разбирање на физичкиот свет, никогаш не смее да ја изгуби од вид важноста да се користи тоа знаење за да му служи на човекот и да го зајакне достоинството на поединците и на човештвото како целина“.

Потребна е инклузивна јавна дебата

„ Додека нашиот свет се соочува со сериозни социјални, политички и еколошки предизвици, јасно ја гледаме потребата од поширока рамка во која инклузивен јавен дискурс не се базира само на различни научни дисциплини, туку и на учество на сите сегменти на општеството. Во оваа смисла, ја поздравувам и особено ја пофалувам желбата на Академијата на своите конференции да привлече внимание кон маргинализираните и сиромашните луѓе и да ги вклучи домородните народи и нивната мудрост во своите дијалози“, истакна Светиот Отец.

Во однос на предизвиците што ги носи напредокот на вештачката интелигенција, Папата потсети дека „таквиот развој може да се покаже корисен за човештвото, на пример преку подобрување на иновации во областа на медицината и здравствената заштита, како и помагање за заштита на природната средина и овозможување одржливо користење на ресурсите во поглед на климатски промени“.



Примена на вештачка интелигенција

Меѓутоа, тој предупреди дека „употребата на вештачка интелигенција може да има и сериозни негативни импликации за општата популација, особено за децата и поранливите возрасни лица, и дека е неопходно да се препознаат и да се спречат ризиците од манипулативна употреба на вештачката интелигенција за обликување на јавното мислење, влијание на изборот на потрошувачите и мешање во изборните процеси“.

Уште еднаш ја изрази загриженоста на Црквата дека „неотуѓивото достоинство на секое човечко суштество и братство што нè поврзува заедно како членови на едно човечко семејство мора да бидат во основата на развојот на новите технологии... Технолошкиот развој што не води кон подобрување на квалитетот на животот на целото човештво, туку напротив, влошување на нееднаквостите и конфликтите, на кој било начин не може да се смета за вистински напредок“ (Порака за Светскиот ден на мирот 2024, 2).

Придонес на Папската академија на науките

„Во време кога изгледа дека преовладуваат кризите, војните и заканите по светската безбедност, тивките придонеси на вашата Академија за унапредување на знаењето во служба на нашето човечко семејство се многу важни за создавање на глобален мир и меѓународна соработка, истакна Папата и им се заблагодари на сите за учеството во работата на Академијата, упатувајќи молитвени желби за успех на дискусиите на ова пленарно собрание.

25 септември 2024, 21:18