Пребарување

2024.11.24 Santa Messa nella Solennita' di Cristo Re

Папата до младите: Не „ѕвезди за еден ден“, туку сведоци на Божјата љубов

Обвинување, одобрување и вистина. За овие три зборови размислуваше Папата Фрањо во недела 24 ноември 2024 година, во својата хомилија на празникот Христос Цар и по повод Светскиот ден на младите. Тој ги поттикна младите да не размислуваат според логиката на светот, туку според Христовата вистина. Папата нагласи дека историјата не ја прават насилниците, препотентните и арогантните, туку Бог на сите ни дава слобода и секогаш нè љуби.

„Затоа, денес, додека во Црквата го прославуваме Светскиот ден на млади, особено на младите им предложив да размислат за три поими во светлина на Божјото Слово: обвинување, одобрување и вистина“, рече Папата.

Цитирајќи евангелски пасус во кој Исус е обвинет пред Пилат, Папата ги предупреди младите дека и нив може да ги обвинат дека го „следат Исус“. Тој ги охрабри да не се плашат од осудата и лажните обвинувања, бидејќи тие на крај ќе исчезнат, а површните вредности што ги поддржуваат ќе се откријат како илузии.

Осврнувајќи се на втората точка – одобрување – Папата им порача, добро ќе го следат Исусовиот пример доколку не дозволат да бидат заразени од желбата – толку раширена денес – да бидат видени, прифатени и пофалени. „Оние кои дозволуваат да бидат фатени во овие фиксации – завршуваат во неволја. Се се сведува на преправање и распродажба идеали за да стекнете малку наклонетост и видливост. Бидете внимателни, бидејќи вашето достоинство не се продава!“, ги предупреди Светиот Отец и продолжи:

„Бог ве сака какви што сте, а не како што изгледате: пред Него вашите чисти соништа вредат повеќе од успех и слава, а искреноста на вашите намери повеќе од одобрување. Бидете слободни, но во согласност со вашето достоинство. Не бидете задоволни да бидете „ѕвезда за еден ден“, на социјалните мрежи или во кој било друг контекст! Небото во кое сте повикани да блеснете е поголемо: тоа е небото на љубовта во кое бесконечната љубов на Отецот се рефлектира во многу мали светла; во верната љубов на брачниот другар, во невината радост на децата, во ентузијазмот на младите, во грижата за постарите, во великодушноста на посветените лица, во љубовта кон сиромашните или во чесната работа“.

Доаѓајќи до третата точка – вистината – Папата истакна дека „Христос дојде во светот да посведочи за вистината, учејќи нè да го сакаме Бога и нашите браќа. Само во љубовта нашето постоење наоѓа светлина и смисла. Многу зла кои влијаат на нас се дело на човекот, измамен од Злото, но сè, на крајот, ќе биде подложено на судот Христов, праведниот и милосрден Цар“.

На крајот од Евхаристијата, организаторите на последниот Светски ден на млади во Португалија го предадоа крстот на Светскиот ден на млади и иконата, Спасение на римскиот народ, на младите Корејци, кои ќе бидат домаќини на младите од целиот свет во 2027 година. А Папата им порача:

Драги млади Корејци, сега вие сте на ред! Носејќи го крстот во Азија, на сите навестете ја Христовата љубов. Бидете храбри! Храбро сведочете за надежта што ни е потребна денес повеќе од кога било. Нека расте довербата во Божјата непобедлива љубов и братство меѓу народите насекаде каде ќе поминат овие симболи. Крстот Господов и иконата на Света Богородица нека бидат поткрепа и утеха на сите млади жртви на конфликти и војни.

24 ноември 2024, 21:48