Папата: Црквата придонесува за зајакнување на семејните и брачните врски
„Нема дискриминација во планот за спасението“, истакна папата Фрањо во понеделник, 25 ноември 2024 година, во обраќањето пред академската заедница за брачни и семејни науки на Папскиот теолошки институт „Иван Павле II.“
Папата ги потсети присутните на Завршниот документ на XVI Епископска синода, кој вели дека семејствата се „привилегирано место за учење и доживување на основните практики на синодалната Црква“ (бр. 35). „За таа цел, кај нив мора да расте свеста дека тие се „субјекти, а не само приматели на семејна пасторална грижа“, одговорни за „градење на Црквата и залагање за општеството“ (бр. 64). Знаеме колку бракот и семејството се одлучувачки за животот на луѓето: Црквата секогаш се грижи за нив, ги поддржува и ги евангелизира“, истакна Папата.
Тој рече дека, за жал, има земји во кои јавните власти не го почитуваат достоинството и слободата на кои секое човечко суштество, како Божјо чедо, има неотуѓиво право. Потсетувајќи на подреденоста на жената во некои општества, ги спомна зборовите на свети Павле дека „нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса “ (Галатјаните 3,28). „Ова не значи дека разликата меѓу двете е поништена, туку дека во планот на спасението нема разлика меѓу мажите и жените: и двајцата му припаѓаат на Христос, тие се „семе Авраамово и наследници според ветувањето“ (р. 29)“, истакна Светиот Отец.
Тој рече дека Црквата, како отворен и гостољубив дом, од самиот почеток направила се што е во нејзина моќ за да се осигура дека никакви економски или социјални ограничувања нема да бидат пречка за да некој живее наследувајќи го Исус. „Посветена на истото послание, Црквата и денес не ја затвора вратата за оние кои се борат на патот на верата. Напротив, ширум ја отвора вратата, бидејќи на секого му е „потребно милосрдно и охрабрувачко пасторално внимание“ (Amoris laetitia, 293)“, додаде тој и повтори дека тоа важи апсолутно за сите.
Светиот Отец рече дека Црквата, без никого да исклучува, го унапредува семејството, засновано на бракот, придонесувајќи на секое место и во секој момент брачната врска да биде поцврста, со силата на љубовта која е поголема од се.
„Се надевам дека Институтот во секој дел од светот ќе ги поддржи сопружниците и семејствата во нивното послание, помагајќи им да бидат живи камења на Црквата и сведоци на верноста, служењето, отвореноста кон животот и гостопримството. Да чекориме заедно наследувајќи го Христос“, истакна папата Фрањо во своето обраќање пред членовите на Папскиот теолошки институт „Иван Павле II.