Пребарување

2024.11.28 Membri del Network "El Sembrador-Nueva Evangelizacion"

Папата Фрањо: Денес има голема потреба од нова евангелизација

На 28 ноември 2024 година папата Фрањо во аудиенција во Ватикан ги прими претставници на организацијата El Sembrador-Nueva Evangelizació, која се занимава со нова евангелизација со помош на современи средства за комуникација, вклучувајќи го и телевизискиот канал ЕСНЕ.

Светиот Отец особено му се заблагодари на основачот на организацијата Наел Дијаз, присетувајќи се на нивното познанство за време на апостолското патување во Куба и Мексико во 2016 година, кога Наел, водејќи се од ветувањето дадено на својата мајка, ги исчисти чевлите на папата Фрањо. Петровиот наследник ги повика присутните да ги свртат своите мисли кон своите мајки со благодарност за сето она што го добиле од нив.

„Се восхитувам на неговата вера и посветеност на Божјата промисла“, рече Светиот Отец за Наел Дијаз, изразувајќи благодарност до целата негова заедница што одговори на повикот на свети Иван Павле II за нова евангелизација.

Папата го пофали проектот Yo soy el 73 кој има за цел да создаде заедница на евангелизатори способни да ја пренесат радоста на Евангелието и благодатта Божја. „Денес има голема потреба учениците да ја продолжат мисијата доверена од Исус и да евангелизираат преку средствата за јавно информирање“, истакна Светиот Отец, заблагодарувајќи им се на гостите што ги пренесуваат зборовите на Папата и учењето до широката публика во САД и на други места каде што се зборува шпански помагајќи им на верниците да се молат, да учествуваат во света Литургија, да добиваат христијанско образование и црковни вести.

Папата особено се заблагодари на заедницата на ЕСНЕ за нејзините напори за поддршка на мигрантите од Латинска Америка, како и за плодната соработка со Одделот за комуникации на Ватикан. Тој ги охрабри новинарите да продолжат да служат, не заборавајќи ги оние кои имаат најголема потреба. Ги повика да им помагаат со великодушност и креативност, останувајќи верни на учењето на Црквата.

 

02 декември 2024, 18:59