Содржина на работниот документ од второто заседание на Синодата за синодалност
Како ќе успееме до мисионерска, синодална црква? Ова е фундаменталното прашање од кое тргнува Instrumentum laboris за следното заседание на Епископската синода. Тоа заседание следи по првото, кое се одржа во октомври 2023 година во салата Павле VI во Ватикан. Документот ги реферира резултатите од првата година и ги спојува со резултатите од другите состаноци, на пример Меѓународната средба на паросите (која се одржа од 29 април до 2 мај во Ватикан) и советувањето на десетте студиски групи, кои по налог на папата Фрањо, продлабочија некои теми од заседанието на Синодата од 2023 година.
Instrumentum laboris нема намера да нуди готови одговори, туку повеќе „предупредувања и предлози“ за тоа како Црквата во целина може да се развива во синодално-мисионерска насока. Цел: Црквата да биде поблиска до луѓето и помалку бирократска, и сите крстени – во различните служби и улоги – да се чувствуваат соодговорни за животот на Црквата.
Пет дела на документот
Документот е поделен на пет дела: Вовед, начела (појдовни точки) и три централни делови. Воведот потсетува на патот поминат досега. Во исто време, се истакнува она што е веќе постигнато, на пример сè пораспространетата примена на синодалната методологија. Во поглавјето „Појдовни точки“ (бр. 1-18) првенствено се работи за разбирање на синодалноста како пат на преобраќање и реформи. Во свет растргнат од поделби и конфликти, Црквата е повикана да биде знак на единство и отворено уво за сите, особено за сиромашните и отфрлените. Синодалноста никако не треба „да значи обезвреднување на посебниот авторитет и специфичните задачи, што самиот Христос им ги доверил на пастирите“ (бр. 8); таа не е ниту „цел сама по себе“ и мора да се гледа во тесна врска со посланието (бр. 9).
Вреднување на жената во Црквата
„Почетните точки“ даваат и широк простор за преглед на улогата на жената во сите области од црковниот живот (бр. 13-18) и ја нагласуваат потребата од „почитување на нивната харизма и нивниот повик“. Бог ги избра жените да бидат први сведоци и навестителки на воскресението; со силата на крштението, тие се наоѓаат во црковната заедница „во состојба на целосна еднаквост, примаат еднакво излевање на даровите на Духот и се повикани да учествуваат во Христовото послание“. Првата промена што мора да се преземе е менталитетот: Појдовниот текст повикува на „свртување кон визија за односите, взаемната зависност и комплементарноста меѓу жените и мажите, кои се сестри и браќа во Христа, во однос на заедничкото послание“.
Учество и одговорност на жените
Во одредени култури, продолжува Instrumentum laboris, „машкиот мачизам е сè уште силно присутен“; од таа причина, беше свикано второто синодалноз заседание за „пошироко учество на жените во процесите на црковно одлучување и во сите фази на донесување одлуки“. Дополнително, потребен е „поширок пристап до одговорните позиции во епархиите и црковните институции“, како и во семинариите, теолошките институти и факултети и меѓу судиите во канонските постапки. Предлозите се однесуваат и на жените со посветен живот, за кои е пожелно „посилно признавање и порешителна поддршка“ за нивниот начин на живот и нивните харизми, како и „нивното вклучување на одговорни позиции“.
Размислувањето за ѓаконатот на жените продолжува
Во врска со приемот на жените во ѓаконат, Instrumentum laboris известува дека тоа го бараат „одредени источни Цркви“, додека други го „нагласуваат нивното одбивање“ (бр. 17). Темата нема да биде предмет на работа следниот октомври; сепак, правилно е да се продолжи со теолошката размислување. Во секој случај, во сите размислувања за улогата на жената „се истакнува желбата да се зајакнат сите должности што ги извршуваат мирјаните“; дополнително, се бара „во случај на соодветно образование да можат да учествуваат во навестувањето на Божјото Слово и во славењето на Евхаристијата“ (бр. 18), се наведува во појдовниот документ.
I дел - Односите со Бога, браќата и сестрите и меѓу локалните цркви
По „Воведот“ и „Појдовните точки“, Instrumentum laboris се занимава со односите кон Бога, браќата и сестрите и меѓу поединечните помесни Цркви (бр. 22 - 50). Неопходни се харизми, служби и личности посветени на Бога. Од помесните Цркви има силен глас од младите: Тие бараат Црква која не се состои од структури и бирократија, туку почива на односи кои се динамични. Затоа, собранието во октомври треба да размисли за предлогот за воведување нови служби, како „слушање и следење“. „Потребна ни е „отворена врата“ на заедницата, преку која луѓето ќе можат да влезат без да се чувствуваат загрозени или осудени“ (бр. 34).
II. дел - Начини на обука и разликување во заедништвото
Сепак, не постои „послание без контекст, Црква без конкретна локална вкоренетост“ (бр. 53) - затоа, овие нови служби мора да се развијат на соодветен и контекстуализиран начин (бр. 51 - 79). Истовремено, особено е важно: Образованието и „разликување во заедништвото“. Ова треба да ги стави Црквите во позиција да носат соодветни одлуки - со соодговорност и учество на сите. „Сите, слаби и силни, деца, млади и стари, имаат многу да примаат и многу да дадат“ (бр. 55).
Значењето на обврската за преземање одговорност
Instrumentum laboris го споменува и непријатната обврска за преземање одговорност: Кој носи одговорност во Црквата мора транспарентно да преземе одговорност за своите постапки во корист и за посланието на Црквата. „Синодалната црква има потреба од култура и практика на транспарентност и обврска да преземе одговорност“, вели Instrumentum laboris. „Ова е неизбежно за да се поттикне меѓусебната доверба, која е неопходна за заеднички напредок и преземање соодговорност за заедничкото послание“ (бр. 73).
Автентичната Црква бара транспарентност и обврска за преземање одговорност
Појдовниот текст нè потсетува дека „обврската да се преземе одговорност за сопственото служење на заедницата припаѓа на најстарите традиции, кои потекнуваат од апостолската црква“ (бр. 74).
Денес, транспарентноста и обврската за преземање одговорност „после губењето на кредибилитетот и поради финансиските скандали, особено сексуалната и друга злоупотреба на малолетници и лица на кои им е потребна заштита“ се попотребни од кога било. Недостатокот на транспаретност и обврската за преземање одговорност го храни клерикализмот (бр. 75); имено, се потпира на погрешна претпоставка дека овластените функционери не се одговорни пред никого за вршењето на нивните овластувања.
Повик до структурите за вреднување
Обврската за преземање одговорност и транспарентност, нагласува Instrumentum laboris, се однесува на сите нивоа на Црквата и не е ограничена на областа на сексуална или финансиска злоупотреба. Тоа се однесува и на „пасторалните планови, методите на евангелизација и начинот на кој Црквата го почитува достоинството на човечката личност, на пример во однос на условите за работа во нејзините институции“ (бр. 76). Од ова произлегува барањето за „неопходни структури и облици за вреднување - сфатено во неморализирачка смисла - на начинот на кој се извршуваат сите видови службени задачи“ (бр. 77).
Во овој поглед, документот потсетува на потребата Црквата да објавува годишен извештај - како за управувањето со средствата и ресурсите, така и за исполнувањето на своето послание. Ова изречно се однесува на „иницијативите преземени во областа на заштитата на малолетните и ранливите лица, како и поддршката за пристапот на жените до одговорните позиции и нивното учество во процесите на одлучување“ (бр. 79).
III. дел - Места на дијалог
Потоа, Instrumentum laboris анализира конкретни места и контексти на дијалог со другите цркви и религии, но и со културата и општеството (бр. 80-108). Во исто време, мора да се надмине статичниот поглед и пирамидалната идеја за Црквата и посилно да се препознае нејзината внатрешна различност и плуралност, во спротивно постои закана од партикулизација и плиткост. Во овој контекст, во работниот документ се зборува и за барање форми на извршување на Петровата служба во согласност со времето. Службата треба да стане поотворена за патот кон видливото единство на христијаните (бр. 102 и 107).
Ходочесници на надежта
За неполни два месеци од заседанието на Синодалното собрание за синодалност, ќе биде отворена Светата 2025 година, се истакнува на крајот од Работниот документ (бр. 112). Патот на Светската синода треба да продолжи како ходочестие на надежта и во Светата година. Сите поставени прашања и предлози мора да се мерат според тоа што Црквата може да направи за да ги залечи длабоките рани на нашето време.