Генерална аудиенција: Трпението во верата е важно во борбата против ацедијата
Често се заменува со поимот мрзеливост, но повеќе е последица отколку причина. „Кога некоја личност е неактивна, безволна, апатична, велиме дека е мрзлива. Но, како што учи мудроста на древните пустински отци, коренот често е ацедија, што буквално на грчки значи „негрижа“, објасни Светиот Отец.
Оној што е жртва на ацедија, рече Папата, „како да го обзема желба за смрт: чувствува одбивност кон сè; неговиот однос со Бог му станува досаден; дури и најсветите списи, кои некогаш му ја грееле душата, сега му изгледаат сосема бескорисни. Човек почнува да чувствува жалење за минатото време и младоста што неповратно поминала“.
Неретко ацедијата се нарекува и „пладневен демон“, затоа што нè обзема среде денот, среде нашите секојдневни обврски.
Повикувајќи се на монахот Евагриј кој меѓу другото пишува за ова дека „мрзливиот човек не го извршува Божјото дело брзо и спремно“, Папата рече дека во описите на монасите современиот читател може да види состојба што потсетува на „злото на депресијата“. „Всушност, оние кои се обземени од ацедија, животот нема смисла, молитвата станува здодевна, секоја битка изгледа бесмислена“, рече тој.
Папата истакна дека духовните учители понудиле бројни решенија за состојбата на ацедија, а според него најважно е т.н. „трпеливост на верата“. Имено, рече Папата, „мора да имаме храброст да останеме и да го прифатиме нашето „овде и сега“, нашата ситуација каква што е, Божјото присуство“. Злобниот дух на ацедија сака да ја уништи токму таа едноставна радост на „овде и сега“, тој благодарен восхит кон реалноста.
Борбата против ацедијата е клучна, нагласи Папата, а тоа е битка која не ги поштеди ниту светците. „Тие светци нè учат да одиме низ ноќта со трпение, прифаќајќи го сиромаштвото на верата. Препорачуваа, кога ќе нѐ притисне ацедија, да задржиме помала мерка на посветеност, да поставуваме лесно остварливи цели, но во исто време да се спротивставиме, да истраеме наоѓајќи поддршка во Исус кој никогаш не нè остава во искушенијата и нападите“.
Верата, мачена од искушението на ацедија, не ја губи својата вредност. Згора на тоа, тоа е вистинска вера, чисто човечка вера која и покрај сè, пред темнината што заслепува, сепак понизно верува, заклучи папата Фрањо во својата катехеза.
По повод почетокот на Великиот пост, Светиот Отец ги повика сите присутни да ја искористат оваа можност за преобраќање. Ова го истакна на Генералната аудиенција, додавајќи дека Великиот пост е можност за внатрешно обновување преку слушање на Словото Божјо, во грижата за нашите браќа и сестри на кои им е потребна нашата помош и во почеста молитва, пред се да молиме за дарот на мир во светот.