2024.05.22 Udienza Generale

Генерална аудиенција: Понизноста е извор на мир во светот и Црквата

На 22 мај 2024 година, папата Фрањо со темата за понизноста, го заврши циклусот катехези за пороците и крепостите, за кои зборуваше на Генералните аудиенции

Понизноста е голем противник на најфаталниот порок, горделивоста, истакна Папата, додавајќи дека понизноста враќа сè во вистинската рамка. „Ние сме прекрасни, но ограничени суштества, со силни и слаби страни“, а во човечкото срце често се појавуваат илузии за семоќност, кои се многу опасни“, рече Папата. Блажени се оние кои во своето срце ја чуваат таа перцепција за сопствената маленкост, продолжи Светиот Отец, додавајќи: „Понизноста е порта за сите крепости“.

Понатаму, на првите страници од Евангелието, понизноста и сиромаштвото на духот изгледа дека се извор на сè, забележа Светиот Отец. Навестувањето на ангелот не се случува пред портите на Ерусалим, туку во едно зафрлено село во Галилеја, толку безначајно што обичните луѓе велеа: „Зарем може нешто добро да дојде од Назарет. Избраната хероина не е принцеза што пораснала во свила и кадифе, туку е непозната девојка: Марија. Таа самата прва се чуди, кога ангел ѝ го донесува Божјото навестување. „Бог – така да се каже – е привлечен од маленкоста на Марија, која пред се е внатрешна маленкост“, нагласи Папата.

Фокусирајќи се на Марија, Светиот Отец рече дека оттогаш Богородица многу ќе внимава да не избие во преден план. Нејзината прва одлука по навестувањето на ангелот е да оди во јудејскиот крај, да ја посети Елисавета: и помага во последните месеци од бременоста. Но, никој освен Бог не може да го види тој гест.

Марија секако доживеа тешки моменти, но тоа никогаш не ја разниша нејзината понизност. Таа нејзина маленкост е непобедлива сила: таа е онаа која остана во подножјето на крстот, додека е растерана илузијата за победничкиот Месија. Марија е таа која во деновите пред Педесетницата ќе собере група ученици кои не можеа да молат ниту еден час со Исус и го оставија кога дојде бурата, рече Папата. 

Браќа и сестри, понизноста е сè. Тоа е она што не спасува од Злобниот и од опасноста да станеме негови соучесници. Понизноста е извор на мир во светот и во Црквата. Таму каде што нема понизност има војна, раздор, поделеност. Бог ни даде пример во Исус и Марија, за нашето спасение и нашата среќа. Понизноста е патот до спасението.

Светиот Отец уште еднаш апелираше за мир во светот, потсетувајќи на Украина, Блискиот Исток и Мјанмар. Поздравувајќи ги полските ходочесници, тој им се обрати на децата кои ќе примат Прва Причест и ги охрабри дека во „тој момент на радост“ можат да ги видат и потребите на нивните врсници кои страдаат, кои се жртви на војна, глад и сиромаштво.

Папата накратко се осврна на кризата на звањата во Црквата, особено во Италија. Забележувајќи жени со посветен живот, на плоштадот Свети Петар, рече: „Ги гледам овие искушенички и се прашувам: Колку се Италијанки? А? Малку... Во Италија има недостаток на звања за посветен живот“.

 

22 мај 2024, 14:24

Последни Ауденции

Прочитајте сé >