Генерална аудиенција: Светот има потреба од христијанската надеж
Папа Фрањо
Генерална аудиенција
Плоштад Свети Петар
8 мај 2024 година
„Оти мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас. И не само тие, туку и ние самите, кои го имаме начетокот на Духот, воздивнуваме во себеси, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело,. бидејќи со надеж се спасивме. А надеж за она, што се гледа, не е надеж, оти, како ќе се надева некој на нешто, што го гледа?“ (Римјаните 8,18.23-24)
Во текстот што следи се вклучени и непрочитани делови кои исто така се претставени како да се изговорени.
Недостатоци и крепости – Надеж
Драги браќа и сестри!
Во последната катехеза почнавме да размислуваме за богословските крепости. Има три: вера, надеж и љубов. Минатиот пат размислувавме за верата, денес на ред е надежта.
„Надежта е богословска крепост со која копнееме за царството небесно и вечниот живот како за своја среќа, полагајќи ја нашата доверба во ветувањата Христови и потпирајќи се не на сопствената сила, туку на помошта од благодатта на Светиот Дух“ (Катехизам на Католичката црква, бр. 1817). Овие зборови ни потврдуваат дека надежта е одговорот што му се дава на нашето срце кога во нас ќе се појави апсолутното прашање: „Што ќе се случи со мене? Која е целта на ова патување? Каква судбина го чека овој свет?“
Сите знаеме дека негативниот одговор на овие прашања предизвикува тага. Ако патувањето низ овој живот нема смисла, ако нема ништо на почетокот и на крајот, се прашуваме зошто воопшто треба да чекориме: тука се раѓа човечкиот очај, чувството за залудноста на сè. И многумина можат да се побунат: „Се обидов да бидам крепостен, мудар, праведен, силен, умерен. Бев дури и верник, верничка... Каква корист од целата моја борба ако сето тоа заврши тука?“ Ако нема надеж, сите други крепости се во опасност да се распрснат и да се претворат во прав и пепел. Ако нема иднина во која можеме да веруваме, некој светол хоризонт, нема да има друг избор освен да заклучиме дека крепоста е бескорисен труд и напор. „Само кога со сигурност се знае дека иднината ќе има позитивен исход, полесно е да се живее сегашниот момент“, вели Бенедикт XVI (Енциклика Spe salvi, 2).
Христијанинот не стекнува надеж по сопствена заслуга. Ако верува во иднината, тоа е затоа што Христос умре и воскресна и ни го даде својот Дух. „Откупението ни е дадено во смисла дека ни се дава надеж, сигурна надеж, благодарение на која можеме полесно да се справиме со сегашноста“ (исто,1). Во таа смисла, да повторам уште еднаш, велиме дека надежта е богословска krepost: таа не доаѓа од нас, не е тврдоглавост во која сакаме самите себе да се увериме, туку е дар кој доаѓа директно од Бога.
Многу христијани кои биле со сомнежи, кои не биле потполно препородени со надеж, Павле ги поставува пред логиката на христијанското искуство: Ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови; тогаш и оние, што умреле за Христа, загинале. И, ако само во овој живот се надеваме на Христа, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе (1 Коринтјани 15, 17-19). Како да сака да го каже ова: ако верувате во Христовото воскресение, сигурно знаете дека ниту еден пораз и ниту една смрт не се вечни. Но, ако не верувате во воскресението Христово, тогаш сè е залудно, дури и проповедта на апостолите.
Надежта е крепост против која често грешиме: во нашата виновна носталгија, во нашата меланхолија, кога мислам дека среќните моменти од минатото се засекогаш закопани. Грешиме против надежта кога слабееме пред нашите гревови, заборавајќи дека Бог е милостив и поголем од нашите срца. Да не заборавиме, браќа и сестри, Бог простува се, Бог секогаш простува. Ние сме тие кои се изморуваат да бараме прошка. Но, никогаш да не ја заборавиме оваа вистина: Бог простува сè, Бог секогаш простува. Ние грешиме против надежта кога потклекнуваме пред нашите гревови; грешиме против надежта кога есента ќе ја избрише пролетта во нас; кога Божјата љубов ќе престане да биде вечен оган и немаме храброст да носиме одлуки кои не обврзуваат до крајот на животот.
На денешниот свет очајно му е потребна оваа христијанска крепост! На светот му треба надеж, исто како што многу му треба трпение, крепост што оди рака под рака со надежта. Трпеливите луѓе се ткајачи на доброто. Тие упорно сакаат мир, и покрај тоа што на некои им се брза и би сакале се веднаш, трпението има способност да чека. И кога многумина околу нив ќе подлегнат на разочарувањето, оние кои се продуховени од надежта и трпеливи се способни да ја преживејат и најтемната ноќ. Надежта и трпението одат заедно.
Надежта е крепост на оној кој има младо срце; и годините тука не играат никаква улога. Затоа што има и постари луѓе чии очи светат со светлина, кои живеат во постојана напнатост кон иднината. Да се потсетиме на оние двајца старци од Евангелието, Симон и Ана: никогаш не се измориле од чекање и доживеале крајот на нивното земно патување да биде благословено со средбата со Месијата, кого го препознале во Исус, кого неговите родители го донеле во храмот. Камо среќа така да биде и со нас! После долгото патување, откако ќе ги спуштиме торбата и стапот, нашите срца да бидат исполнети со радост како никогаш до сега, и ние исто така ќе можеме да извикаме: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот“ (Лука 2,29-32).
Браќа и сестри, само напред и барајте благодат да имате надеж, надевајте се со трпение. Секогаш гледајте на таа последна средба; секогаш мислете дека Господ е близу, дека смртта никогаш, никогаш нема да победи! Да одиме напред и да го молиме Господ да ни ја даде таа голема крепост на надеж, придружена со трпение. Ви благодарам.