Ангел Господов: Не смееме да бидеме робови на материјалните работи
Откако се наситија и храната која ја јадеа, која им беше поделена, можеа да видат како, дури и во оскудевање, благодарение на великодушноста и храброста на едно момче, кое на другите го стави на располагање она што го имаше, сите се наситија многу добро. Знакот беше јасен: ако секој го даде на другите тоа што го има, со Божја помош, и со малку секој може да добие нешто– објасни Светиот Отец.
Но, тие не го разбраа ова: го заменија Исуса со некој вид волшебник и се вратија да го бараат, надевајќи се дека ќе го повтори чудото како да е магија, рече Папата.
Тие беа протагонисти на фундаменталното искуство на нивното патување, но не го сфатија неговото значење: нивното внимание беше насочено само кон лебовите и рибите, на материјалната храна, која веднаш ја снема, оставајќи ги и понатаму гладни. Тие не разбраа дека тоа е само орудие преку кое Отецот, задоволувајќи ја нивната глад, им откри нешто многу поважно: начин на живот кој трае вечно и вкусот на лебот кој заситува до секоја мера. Вистинскиот леб, накратко, беше и е Исус, неговиот возљубен Син кој стана човек, кој дојде да го сподели нашето сиромаштво за да нè води во радоста на целосно заедништво со Бога и нашите браќа, како дар - истакна тој.
Материјалните работи не го прават животот исполнет, само љубовта го може тоа. А за да се случи тоа, патот по кој треба да се оди е патот на љубовта, кој ништо не задржува за себе, туку споделува сè, објасни папата Фрањо.
Зарем ова не се случува и во нашите семејства? Да се потсетиме на оние родители кои цел живот се борат добро да ги воспитаат своите деца и да им остават нешто за во иднина. Колку е убаво кога оваа порака се сфати, а децата се благодарни и за возврат се поддржуваат како браќа! И колку е тажно, кога се караат за наследството, а можеби и не зборуваат со години! Пораката на таткото и мајката, нивното најскапо наследство, не се парите, туку љубовта со која на своите деца им даваат се што имаат, исто како што тоа го прави Господ со нас и така нѐ учат да сакаме – објасни Папата.
Па, да се запрашаме: каков однос имам со материјалните работи? Дали сум им роб или слободно ги користам како алатки за давање и примање љубов? Дали знам да им кажам „благодарам“ на Бога и на моите браќа за добиените дарови и со радост да ги споделам, поттикна Светиот Отец.
Марија, која целиот свој живот му го предаде на Исус, нека нѐ научи сѐ да направиме да биде орудие на љубовта - заврши Папата пред молитвата Ангел Господов.