Il Papa,strade di pace si aprano con dialogo e negoziato

Ангел Господов: Христос, надеж на сиромашните

Во своето пладневно обраќање, во недела на 18 август 2024 година, папата Фрањо објасни дека Евхаристијата, „небесниот леб“, „жив и вистински леб“ не е нешто магично што ги решава сите проблеми одеднаш, туку Исусовото Тело е повеќе од неопходна храна бидејќи ја задоволува гладта за надеж, гладот за вистина, гладот за спасение што сите го чувствуваме, не во стомакот, туку во срцето. Лебот од небото е дар што ги надминува сите очекувања.

ПАПА ФРАЊО
АНГЕЛ ГОСПОДОВ,
Плоштад Свети Петар, недела, 18 август 2024 година.

Драги браќа и сестри, ви посакувам пријатна недела!

Евангелието денес ни зборува за Исус кој едноставно вели: „Јас сум живиот леб што слезе од небото“ (Иван 6,51). Синот Божји пред мноштвото се поистоветува со најобична и секојдневна храна - лебот: „Јас сум лебот“. Меѓу оние што слушаат, некои почнуваат да се расправаат (сп. р. 52): „Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме?” Тоа прашање си го поставуваме и денес, но со восхит и благодарност. Еве два става за размислување: восхит и благодарност, пред чудото на Евхаристијата.

Првиот став е восхитот, бидејќи Исусовите зборови нè изненадуваат. Но, Исус секогаш нè изненадува, секогаш. И денес, во животите на секој од нас, Исус не изненадува. Лебот од небото е дар што ги надминува сите очекувања. Оние кои не го разбираат Исусовиот стил остануваат сомничави: изгледа невозможно, дури и нечовечко, да се јаде човечко месо и да се пие крв на друг (сп. р. 54). Тоа тело и таа крв, сепак, се човечноста на Спасителот, самиот негов живот понуден како храна за нашиот.

И ова нè доведува до вториот став: благодарноста - првиот е восхитот, а сега благодарноста - затоа што го препознаваме Исус каде што тој станува присутен за нас и во нас. Станува леб. „Кој го јаде моето тело... останува во мене, и јас во него“ (сп. р. 56). Христос, вистинскиот човек, многу добро знае дека мора да јадеме за да живееме. Но и тој знае дека тоа не е доволно. Откако ќе го умножи земниот леб (сп. Иван 6,1-14), Тој подготвува уште поголем дар: Самиот станува вистинска храна и питие (сп. р. 55). Ти благодарам, Господи Исусе! Од срце можеме да кажеме: благодарам, благодарам.

Небесниот леб, кој доаѓа од Отецот, е токму Синот кој се воплоти за нас. Таа храна ни е потребна повеќе од се, бидејќи ја исполнува гладта за надеж, гладот за вистината, гладот за спасение што сите го чувствуваме, не во стомакот, туку во срцето. На сите ни е потребна Евхаристијата.

Исус се грижи за најголемата потреба: нè спасува, го храни нашиот живот со неговиот и тоа засекогаш. Благодарение на него, можеме да живееме во заедништво со Бога и едни со други. Живиот и вистински леб не е, значи, нешто магично што ги решава сите проблеми одеднаш, туку самото Тело Христово, кое им дава надеж на сиромашните и ја победува ароганцијата на оние кои лакомо се заситуваат на нивна штета.

Да се запрашаме, браќа и сестри: дали сум гладен и жеден за спасението, не само за себе, туку и за сите мои браќа и сестри? Кога ја примам Евхаристијата, која е чудо на милосрдието, можам ли да се восхитувам пред Телото Господово, кој умре и воскресна за нас?

Заедно да се помолиме на Дева Марија да ни помогне да го прифатиме дарот од небо во вид на леб.

19 август 2024, 10:56

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >